24фудбал

Можните противници на Академија Пандев, Македонија Ѓ.П. и Шкупи во првото коло од квалификациите за ЛЕ

Од УЕФА направија скратување на групите за ждрепката која треба да се одржи утре напладне, ниту еден наш претставник во второто по ранг европско клупско натпреварување не се здоби со ниво носител во својата група, па иако имињата на потенцијалните ривали не се звучни, станува збор за мошне квалитетни екипи.

Македонија

Шкупи, Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев се нашите овосезонски претставници во Лига Европа, тие почнуваат во првото квалификациско коло за пласман во групната фаза од Лига Европа.

Утре напладне во Нион ќе се одржи ждрепката за првото квалификациско коло во Лига Европа, а од Европската куќа на фудбалот веќе ги објавија потенцијалните противници на нашите претставници.

Дебитантот на европско тло, Академија Пандев е помеѓу неносителите во групата „5“, таму можни противници на Струмичани се Фехервар (Унгарија), Зрињски (БИХ), Шахтер Солигорск (Белорусија), Нефчи (Азербејџан) и Левски Софија (Бугарија).

Македонија Ѓорче Петров, овосезонскиот освојувач на купот во нашиот шампионат, исто така е неносител, но во групата „6“, каде можни противници се Спартак Трнава (Словачка), Жалгирис Вилнус (Литванија), Фола Еш (Луксембург), Алашкерт (Ерменија) и Олимпија Љубљана (Словенија).

Шкупи исто така е аутсајдер во својата група „9“, таму Чаирчани како можни противници ги имаат Хапоел Бер-Шева (Израел), АЕК Ларнака (Кипар), Домжале (Словенија), Пјуник (Ерменија), Сабаил (Азербејџан) и Будуќност Подгорица (Црна Гора).