24фудбал

Алексис Санчез постигна гол по пет месеци, Чиле убедлив против Јапонија (ВИДЕО)

Чиле ја започна одбраната на титулата од Копа Америка со висока победа од 4-0 над Јапонија, Пулгар го отвори резултатот, Варгас беше двоен стрелец а по долго време погоди и Алексис Санчез.

Јужна Америка

Во вториот натпревар од групата Ц, Чиле ја оправда фаворитската улога и ја совлада Јапонија. „Самураите“, кои по втор пат добија покана да играат на Копа Америка, во Бразил пристигнаа со млади и неискусни играчи, па не можеа да му се спротивстават на актуелниот шампион.

Резултатот беше отворен кон финишот на првиот дел кога Пулгар скокна највисо по еден корнер и погоди за 1-0. На стартот од вториот дел, Варгас биеше од врвот на шеснаесетникот, топката закачи еден дефанзивец на Јапонија и заврши во аголот за 2-0.

Во финишот од мечот, популарната „Ла роха“ постигна уште два гола. Најпрво Алексис Санчез конечно погоди по пет месеци откако добро се уфрли на подалечната статива и со глава биеше за 3-0 во 82. минута. Само 60 секунди подоцна, Санчез одлично му асистираше на Варгас кој го лобуваше истрчаниот голман за конечни 4-0.