Рајола им е верен само на парите, еве што бара од Јувентус за Де Лихт да потпише а во меѓувреме чека нов предлог од ПСЖ
Медиумите од Италија имаат нови детали за можниот трансфер на Матајс де Лихт во Торино, Јувентус на дефанзивецот треба да му даде нето плата од 12 милиони евра по сезона, како и откупна клаузула од 150 милиони евра.
Каде ќе игра Матајс де Лихт следната сезона е прашање на кое тешко е да се даде одговор. Проблем е тоа што неговиот агент Мино Рајола е верен само на парите, па кој ќе понуди највеќе, тој ќе го добие талентираниот дефанзивец.
Пред неколку месеци Барселона си подаде рака со Холанѓанецот, се верува за годишна плата од 6 милиони евра, но потоа Де Лихт доби неколку побогати предлози па играчот се повлече од договорот со „каталонците“.
До пред неколку дена се веруваше дека ПСЖ е неговата следна дестинација, но денеска беше објавено дека Јувентус е во пол позиција.
„Светците“ се разделија со спортскиот директор Антеро Енрике, на негово место го ангажираа Леонардо, и ваквата промена во структурата малку ги забави преговорите со Де Лихт.
Па Мино Рајола го искористи овој вакум да ги обнови контактите со Јувентус, односно директорите Фабио Паратичи и Павел Недвед. Неколку добро упатени извори од Италија (новинарите Ди Марцио и Фабрицио Романо) велат дека барањата на контроверзниот агент се нето плата од 12 милиони евра, плус бонуси како и откупна клаузула од 150 милиони евра. Јувентус на Ајакс ќе треба да му плати помеѓу 65 и 75 милиони евра, и се очекува клубовите лесно да пронајдат „дил“.
И додека двете страни преговараат за овие бројки и деталите, Мино Рајола чека нов предлог од ПСЖ. „Светците“ не се откажуваат од оваа битка и наскоро ќе испратат нова понуда за Де Лихт.