24фудбал

Ван Гал удри по Меси: Треба да се чуди како толку долго е без трофеј од Лигата на шампионите

Поранешниот тренер на Ајакс, Барса, Баерн и Манчестер јунајтед, Луј ван Гал го обвини Лео Меси дека не е тимски играч и вели дека Аргентинецот треба да се запраша како е можно пет години да нема трофеј од Лигата на шампионите.

Шпанија

Луј ван Гал не се штедеше со замерки на адреса на Лео Меси. Поранешниот предводник на Ајакс, Барса, Баерн и Манчестер јунајтед во интервју за Ел Паис говореше дека е фан на играчите кои се жртвуваат за тимот а не на индивидуалците, па го впери прстот кон Аргентинецот и го посочи како еден од виновници за тоа што Барселона пет години нема трофеј од Лигата на шампионите.

„Колку титули има освоено Барселона во Лигата на шампионите со играчот за кои велат дека е најдобар во светот? Меси треба да се чуди како е можно толку долго да е без трофеј од Лигата на шампионите. Го обожавам Меси како индивидуалец, тој е најдобриот фудбалер во светот, неговата статистика е неверојатна. Но зошто пет години нема триумф во Лигата на шампионите? Зошто? Како капитен, тој мора да се праша зошто неговиот тим не победува во Европа. Барселона има фантастичен состав. Не можете да кажете дека Ракитиќ е лош, дека Кутињо е лош, дека Алба е лош, дека Тер Штеген е лош голман, или пак дека Артур или Видал се лоши... Мислам дека и Меси е одговорен за она што се случува во Барселона. Не само тренерот, и играчите сносат дел од одговорноста за она што се случува во тимот“ – вели Луј ван Гал.

„Гвардиола победуваше со Барселона бидејќи го имаше Меси но и бидејќи не му дозволуваше да прави што сака. Меси се прилагоди на плановите на Гвардиола а не обратно“.

„Барселона има состав од 30 играчи и сметам дека Меси треба да се прилагоди на тимот, а не обратно. Гвардиола во прв план секогаш го ставаше тимот, но тренерите по него премногу се наслонија на Меси наместо да го заштитат тимскиот дух“.

Запрашан кој бил најдобриот тимски играч оваа сезона, Ван Гал вели: „Еден од најдобрите е Џејмс Милнер. Во финалето од Лигата на шампионите играше и во дефанзивата и во средниот ред. Неверојатно е тоа што го прави со 33 години. Но имаше и други. Салах, Фирмино и Мане работат многу во дефанзива бидејќи Клоп сака да притиска“.