24фудбал

Италија жртва на нова местенка, Франција и Романија си одиграа мирољубиво реми и ги елиминираа „аѕурите“

Дежа ву за Италија, по фамозната местенка на Шведска и Данска со која „аѕурите“ беа елиминирани од Европското првенство во 2004, слична судбина денеска ја снајде и младата репрезентација.

Останато

На 22. јуни 2004 се случи најочигледната местенка на фудбалските терени. Во последното коло од групната фаза на ЕП, на Шведска и Данска им требаше точно 2-2 за двете репрезентации да одат понатаму а Италија да си ги пакува куферите и токму таков беше исходот на скандинавското дерби.

Вечерва на „аѕурите“ им се случи дежа ву, младата репрезентација извиси од пласман во полуфиналето на Европското првенство за играчи до 21 година со нова местенка.

На Франција и Романија им одговараше реми, со поделба на бодовите двете репрезентации одеа во полуфинале а Италија испаѓаше од битката за највисок пласман. Па во Чезена никој не пројави желба за надигрување, мечот заврши 0-0. За тоа колку беше мирољубиво говори и фактот дека цели 90 минути не беше забележан ниту еден шут во рамките на голот.

Па Франција ќе се сретне со Шпанија во полуфиналето а Романија ќе игра со бранителот на титулата Германија. Италијаните како домаќини сигурно ќе бидат разочарани зошто имаат прилично талентирана репрезентација и целеа кон трофејот.