24фудбал

„Марка“ пишува: Операцијата „Мбапе“ планирана за 2020, Реал Мадрид не сака да влезе во војна со ПСЖ

Шпанскиот весник пишува дека челниците во Реал Мадрид и дефинитивно не сакаат клубот да влезе во војна со францускиот првак во случајот со Мбапе кој од поодамна е желба на тимот од шпанската престолнина.

Шпанија

Ангажманот на младата ѕвезда на ПСЖ, Килијан Мбапе и натаму останува еден од главните приоритети на Реал Мадрид, меѓутоа таа операција е цел на подолг рок, а според пишувањата на „Марка“, се вели дека кон Мбапе посериозно ќе се тргне идната година.

Весникот додава дека во Реал Мадрид не сакаат да влезат во битка со ПСЖ и ќе чекаат добар момент за да ги остварат своите амбиции за потписот на Французинот.

Првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи рече дека Мбапе нема да го напушти францускиот првак во текот на летниот преоден рок, а самиот фудбалер не рече ништо повеќе околу својата иднина по онаа контроверзна изјава за тоа дека посакува повеќе одговорност и отворен е за нови предизвици.

Речиси сигурно е дека операцијата „Мбапе“ не е остварлива ова лето во пресрет на новата сезона, пишува „Марка“, дополнително весникот подвлекува дека вистина е дека ситуацијата во ПСЖ е значително променета во споредба со неколку месеци претходно, а во тој клуб постои растечка тензија.

Челниците на Реал Мадрид сакаат да избегнат погрешни чекори во битката за потписот на Мбапе, потези кои значително ќе ги ослабнат во нивната намера да го ангажираат напаѓачот.