24фудбал

Кристал Палас не верува дека Манчестер јунајтед може да ја освои Лигата на шампионите па ја одби понудата за Ван Бисака

Медиумите од Англија пренесуваат дека Кристал Палас го одбил последниот предлог на Манчестер јунајтед за услугите на Арон Ван Бисака бидејќи имало бонус поврзан со триумф на „ѓаволите“ во Лигата на шампионите

Англија

Оле Гунар Солскјер го идентификуваше 21 годишниот Англичанец како идеално засилување за десната бековска позиција, но Кристал Палас не се откажува лесно од Арон Ван Бисака и за неговите услуги бара помеѓу 50 и 60 милиони фунти.

„Орлите“ веќе одбија две понуди на „ѓаволите“, а последниот предлог бил отфрлен поради една нереална клаузула.

Како што пренесуваат медиумите од Англија, Манчестер јунајтед понудил 35 милиони фунти, плус 15 милиони фунти во најразлични бонуси поврзани со личните и колективни успеси. Една од додатните исплати била поврзана со триумф во Лигата на шампионите.

Клубот од Селхрст Парк сепак смета дека „ѓаволите“ не се кадарни да ја покорат Европа, а со тоа тие нема да стигнат до бараната сума, па го одбиле предлогот.

Сепак, преговорите помеѓу двата клуба продолжуваат, се верува дека ќе биде пронајден заеднички јазик до крајот на неделата и Арон Ван Бисака ќе стане второ засилување за Оле Гунар Солскјер.