24фудбал

„Не сум човек кој се задоволува со финиш на седмо, осмо или девето место, сакам да победувам“ – Мурињо се отпиша од кормилото на Њукасл

Жозе Мурињо сам се отпиша од трката за испразнетото тренерско столче на Сент Џејмс Парк, вели дека не е заинтересиран за клуб каде целта е само да се заврши во горниот дел на табелата.

Англија

Њукасл е во потрага на нов тренер откако не пронајде договор со Рафа Бенитез за продолжување на соработката. Неколку имиња веднаш беа поврзани со тренерското столче на Сент Џејмс Парк, и едно од нив беше она на Жозе Мурињо.

Сепак, „специјалниот“ сам се отпиша од трката. Иако интервјуто за „Д коучес војс“ е дадено пред да биде соопштено дека Рафа Бенитез заминува, јасно е дека „специјалниот“ не е заинтересиран за проектот на Њукасл.

„Во моментов знам само што не сакам. Кристално јасно е што не сакам. Јас сум доста патолошки во смисла на тоа дека морам да играм за да победувам. Друга работа е дали ќе победам или нема. Ако не победам, тогаш тоа е мој проблем, проблем на играчите и на клубот. Но потребен ми е проект каде ќе чувствувам дека можам да победувам“ – вели Жозе Мурињо.

„Доколку некој ми даде прекрасен 10 годишен договор и целта на тимот е да биде во горниот дел на табелата, или финиши на седмото, осмото или деветото место да се смета за перфектно завршена работа... тогаш тоа не е за мене. Морам да се борам за триумф во следниот клуб кој ќе го одберам“.