24фудбал

Нејмар со ултиматум за ПСЖ и закана за штрајк, одредил до кога треба да се финализира трансферот во Барса

Нејмар му ставил јасно до знаење на Насер Ал Келаифи дека сака да замине од Париз, тој побарал од првиот човек на ПСЖ да го финализира трансферот во Барселона до 8. јули.

Шпанија

Бразилецот е топ тема на каталонските медиуми со денови. Според денешното издание на Мундо Депортиво, Нејмар ставил јасно до знаење дека сака да го напушти ПСЖ и да се врати во Барселона. Тој веќе разговарал со Насер Ал Келаифи и му кажал дека му е преку глава од Париз и првенството на Франција и сака да ја промени средината.

Напаѓачот не сака трансфер сагата да се развлекува цело лето, па побарал од првиот човек на „светците“ неговиот трансфер на Камп Ноу да биде финализиран до 8. јули, или во најмала рака да бидат удрени темелите на една ваква зделка.

Според МД, Нејмар се заканил дека ќе превземе мерки доколку ПСЖ не му излезе во пресрет и нема да се појави на стартот на подготовките за новата сезона.

Името на Нејмар е дел од трансфер шпекулациите и на Спорт. Весникот вели дека Барселона бара Нејмар јавно да каже дека сака трансфер и на тој начин да помогне во преговорите помеѓу двата клуба.

Напаѓачот е подготвен да направи ваков гест но дури следната недела. Нејмар ќе почека да заврши Копа Америка со цел неговите сонародници да бидат фокусирани само на првенството на Јужна Америка.