24фудбал

„Со 17 играчи нема да стигнеме далеку“ - Ковач упати порака до лидерите на Баерн и побара уште четири засилувања

Тренерот на Баерн Минхен, Нико Ковач испрати порака до лидерите на клубот и побара ангажман на уште четворица фудбалери за да има оптимален состав на располагање.

Германија

„Баварците“ до овој момент потрошија околу 120 милиони евра откако ги договорија Лукас Ернандез, Бенжамин Павар и Јан Фите Арп.

Но од Минхен ова лето си заминаа неколку играчи како Арјен Робен, Франк Рибери, Хамес Родригез, Рафиња и Матс Хумелс, па Нико Ковач има тенок состав.

Не сметајќи ги тројцата голмани, тој има 17 фудбалери на располагање. Помеѓу нив се двајца играчи кои се на излезна врата како Жером Боатенг и Ренато Санчез, а двајца се со прилично мало искуство од настап во Бундеслигата како Алфонсо Дејвис и новајлијата Јан Фите Арп.

Па затоа стратегот бара уште четири засилувања ова лето и ги предупредува лидерите на клубот: „Со 17 играчи нема да стигнеме далеку. Потребни ни се уште четири нови имиња“.

„Баварците“ се поврзуваат со голем број на имиња но губат неколку битки. Лерој Сане се двоуми за преселба на Алианц Арена, Челси не сака да слушне за продажба на Калум Хадсон Одои, Родри од Атлетико е на чекор до Манчестер Сити а Озан Кабак од Штутгарт е најблиску до Шалке.