24фудбал

Го фатија последниот воз, Рома го продаде Манолас на Наполи за 36 милиони евра но следната недела ќе им врати половина од сумата

Рома вечерва соопшти дека го продала Костас Манолас на Наполи, Гркот се сели на Сан Паоло во трансфер вреден 36 милиони евра, а наскоро двата клуба ќе реализираат уште една зделка.

Италија

Наполи го идентификуваше Костас Манолас како идеално засилување за одбраната, дефанзивецот беше достапен за прилично разумна сума со оглед на тоа дека имаше откупна клаузула од 36 милиони евра.

Сепак и оваа бројка беше привисока за „наполитанците“, па двата клуба долго време преговараа за да најдат идеална формула. На „волчицата“ и се брзаше бидејќи мораше да го комплетира трансферот до полноќ на 30. јуни за тој да влезе во финансиската година 2018/19 и да се исполнат нормите на Финансискиот фер плеј кои го наметна УЕФА.

Иако постоеше ризик двете страни да не се договорат, сепак беше фатен последниот воз и доцна вечерва Рома соопшти дека го продала Костас Манолас за 36 милиони евра.

Сепак, половина од оваа сума „волчицата“ ќе му ја врати на Наполи веќе следната недела. „Римјаните“ треба да го купат Амаду Диавара за 18 милиони евра, плус додатни 3 милиони во бонуси.