24фудбал

Погубни одлуки на Интер кои го чинат преку 100 милиони евра, Икарди и Наинголан немаат иднина на Меаца

Директорот на Интер, Бепе Марота го потврди она што подолго време беше познато, Мауро Икарди и Раџа Наинголан не се дел од плановите за иднината па двајцата треба да си бараат нов клуб.

Италија

„Нероаѕурите“ со Антонио Конте на тренерското столче се подготвуваат за нов проект. На Џузепе Меаца веќе пристигнаа неколку нови имиња, најзвучни се Диего Годин, Валентино Лазаро и Стефано Сенси, а на врвот на листата со желби уште се наоѓаат и Ромелу Лукаку, Един Џеко и Николо Барела.

Во исто време, се бара купци за неколку играчи и она што подолго време беше познато денеска и официјално е потврдено. Директорот Бепе Марота соопшти дека Мауро Икарди и Раџа Наинголан не се дел од плановите за иднината.

„Кога градите проект, морате да најдете прав профил на играчи. Имавме прилика да разговараме со Мауро Икарди и Раџа Наинголан, им ја објаснивме позицијата на клубот. Двајцата добро знаат дека не се дел од нашите планови. Ова не значи дека се сомневаме во нивниот талент и способности, јас лично сметам дека тие се двајца одлични играчи. Талентот може да ви донесе победа на натпревари, но составот ви носи титули и триумф во првенството, и токму ова е нашата главна цел. Имаме голема почит кон нив, но тие не се дел од проектот“ - вели Бепе Марота.

Иднината на Мауро Икарди виси во воздух со месеци, или поточно откако клубот во февруари реши да му ја одзеде капитенската лента на Аргентинецот. Во неговиот договор има откупна клаузула од 110 милиони евра, и неколку клубови беа подготвени да ја платат пред да пукне тиквата, но Интер сега ќе биде среќен ако добие половина од оваа бројка или околу 60 милиони евра.

Што се однесува до ситуацијата на Раџа Наинголан, тој минатото лето пристигна како големо засилување на инсистирање на тогашниот тренер Лучано Спалети. За да се реализира трансферот, Интер дури се откажа од најперспективниот играч во својата школа, Никола Заниоло.

Популарниот „Нинџа“ имаше лоша сезона и Интер сега се мачи да пронајде клуб кој ќе го купи Белгиецот. За разлика од него, Никола Заниоло блесна во дресот на „волчицата“ и го привлече вниманието на голем број клубови, помеѓу кои Реал Мадрид и Јувентус. Рома нема намера лесно да се откаже и постави цена од 60 милиони евра.

Па од тоа што се случуваше изминативе 12 месеци со овие тројца играчи и како се движи нивната пазарна вредност, одлуките кои ги донесе Интер го чинат клубот преку 100 милиони евра.