24фудбал

Леонардо со бомба во првото интервју: Нејмар сака да замине, може да го напушти ПСЖ ако добиеме добра понуда!

Леонардо го даде првото интервју по враќањето во ПСЖ, спортскиот директор потврди дека Нејмар сака да го напушти Париз и порача дека желбата ќе му биде исполнета доколку добијат соодветна понуда.

Франција

„Светците“ го потврдија она за кое се зборува со недели, Нејмар по две години сака да замине од престолнината на Франција. Леонардо вечерва го имаше своето прво интервју по враќањто на „Паркот на принцовите“ и спортскиот директор ја соопшти веста и објасни каква е ситуацијата на напаѓачот.

„Нејмар денеска (понеделник) требаше да се појави на подготовките, но не го стори тоа. Знаеше дека треба да биде тука. Ќе видиме какви мерки ќе превземеме“ - вели Леонардо.

„Неговото оправдување е дека има обврски со институтот и спонзорите, но за датумите кои ги кажува не сме се договориле. Не знам кога ќе се врати. Знам само дека не се појави на закажаниот термин, односно 8. јули“.

„На сите им е јасно дека Нејмар сака да замине, но во фудбалот една работа можете да зборувате денеска а друга утре... Јас разговарав со Нејмар, очигледно е дека нема да ви откривам детали. Разговарав и со луѓето кои се грижат за неговата кариера. Сите се запознаени со се. Позицијата им е јасна на сите страни. Во моментов е конкретна само една работа: тој се уште има три години од договорот со нас. И со оглед на тоа дека не сме добиле понуда, не можеме да дискутираме за ништо“.

Се шпекулира дека Нејмар сака да се врати на Камп Ноу, но Барселона се уште нема направено конкретен чекор.

„Не сме добиле понуда, но имавме еден многу специфичен контакт... Да, со Барселона“.

„Нејмар може да замине од ПСЖ доколку има понуда која ги задоволува сите. Но до овој момент, не знаеме дали некој сака да го купи и по која цена би го купил. Вакви зделки не се прават во еден ден. Треба да се разговара, да се преговара...“.