24фудбал

Елмас ќе стави потпис на петгодишен договор со Наполи, откриено колкава плата ќе добива на Сан Паоло

Од Италија пристигнуваат нови детали од трансферот на Елиф Елмас во Наполи, Македонецот ќе треба да стави потпис на петгодишен договор и да има плата од 1 милион евра по сезона плус бонуси.

Италија

Елиф Елмас прави голем трансфер, голем број на медиуми од Италија пишуваат дека неговата преселба во Наполи е завршена работа и тој се очекува на пристигне утре на лекарски прегледи.

Се верува дека двата клуба си подале рака за зделка вредна 15 милиони евра, плус 2-3 милиони во бонуси. Наполи има согласност и со Елиф Елмас и луѓето кои се грижат за неговата кариера.

Според новинарот Николо Скира, Македонецот ќе стави потпис на петгодишен договор и ќе има плата од 1 милион евра по сезона плус бонуси.

„Од аспект на каков профил на играч станува збор, Елмас потсетува на Фабиан Руиз (засилувањето на Наполи од минатата сезона вредно 30 милиони евра), се работи за млад и возбудлив фудбалер кој е следен од голем број на екипи. Елмас е талентиран играч кој перфектно се вклопува во профилот кој вчера го опиша Анчелоти. Се верува дека има согласност за петгодишен договор и плата од 1 милион евра по сезона плус бонуси. Сумата можеби не е голема, но за млад перспективен фудбалер таа е повеќе од добра“ – вели Николо Скира за Радио Марте.