24фудбал

Де Лаурентис објасни зошто се одолговлекува трансферот на Елмас во Наполи

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис го потврди големиот интерес за Елиф Елмас, но и кажа зошто трансферот не се реализира брзо како што најавија медиумите.

Италија

Италијанските медиуми најавија дека е постигнат договор меѓу Фенербахче и Наполи за Елиф Елмас и трансферот на македонскиот фудбалер многу брзо ќе биде реализиран. Но вчера играчот се приклучи на подготовките на Фенербахче во Истанбул.

„Имаме голем интерес за Елмас, не можам да го негирам тоа, но треба прво да комплетираме некои продажби за да избегнеме пренатрупаност во составот. Тоа никогаш не е продуктивно“, изјави претседателот на Наполи, Де Лаурентис на прашањето за Елмас во интервју за „Кориере дело Спорт“.

Во интервјуто претходно изјави дека приоритет во моментов им е продажбата бидејќи имаат многу играчи и треба да го редуцираат тимот, но најави и нови засилувања.

Интересот за Елмас е реален и „Кориере дело Спорт“ уште еднаш потврди дека преговорите меѓу двете страни се во напредна фаза. Веројатно е прашање на време кога зделката ќе биде комплетирана.