24фудбал

Навивачите на Јуве во исчекување, „Газета дело Спорт“ објави кога Де Лихт ќе пристигне во Торино

Останува само дилемата околу преговорите помеѓу Јувентус и Ајакс, обата клуба имаат минимални разлики во истите кои можат да ги „испеглаат“ во брз рок, а веќе се надзира доаѓањето на Холанѓанецот во Торино.

Италија

Гигантот од Серија А, како и шампион во тоа натпреварување, екипата на Јувентус е мошне близу до комплетирање на трансферот на Матијс Де Лихт, дефанзивецот од Ајакс кој котира високо на европскиот трансфер пазар, особено на неговата позиција.

И додека сите се во исчекување на целосната официјализација на трансферот, „Газета дело Спорт“ пренесе дека младиот 19 годишен Холанѓанец ќе пристигне во Торино во следните 48 часа, па не се исклучува можноста викендов да се случи неговата средба со навивачите на Старата дама.

Де Лихт се најде во центарот на вниманието на европската фудбалска јавност заедно со својот тим Ајакс минатата сезона откако холандскиот прволигаш играше во полуфиналето од Лигата на шампионите, па бројни беа гигантите кои се бореа за неговиот потпис, меѓу кои беше и ПСЖ.

Нема дилеми во тоа дека Јувентус и Де Лихт веќе ги договориле условите, тоа беше и лично потврдено од неговиот агент Мино Рајола, а Холанѓанецот во својот договор со Јувентус ќе има и откупна клаузула во висина од 150 милиони евра.

Најновите информации на оваа тема велат дека Јувентус и Ајакс се близу до постигнување на договор, тимот од Амстердам бара 75 милиони евра за својата ѕвезда, а од друга страна пак, Јувентус е подготвен да издвои 67 милиони евра за овој трансфер, се верува дека обата клуба ќе најдат заеднички јазик и ќе се договорат за сума од 70 милиони евра со бонуси во истиот договор.