24фудбал

Како ли би реагирале Тоти и Де Роси на ова: Рома на Игуаин ќе му ја понуди капитентската лента?!

Аргентинецот јасно посочи дека сака да се докажува под кормилото на новиот тренер на Старата дама, Маурицио Сари, меѓутоа Рома притиска на негов трансфер, па дури ќе му понуди да ја носи капитентската лента.

Италија

Според известувањата кои пристигнуваат од Италија се чини дека во Рома имаат голема желба да го обезбедат потписот на Гонзало Игуаин, „Кориере дело Спорт“ тврди дека Римската волчица дури ќе му ја понуди и капитентската лента на аргентинскиот напаѓач.

Јавна тајна е дека Рома го посакува популарниот „Пипита“, па тимот од Рим прави максимални напори да го ангажира, иако самиот напаѓач беше конкретен и посочи дека сака да се докажува под кормилото на Маурицио Сари во Јувентус.

Начинот на кој Рома по секоја цена се обидува да го ангажира Игуаин предизвика и доза на револт кај навивачите на тимот од Рим, а самата вест која вели дека Игуаин би можел да ја има честа да биде капитен на екипата донесе дополнителна разочараност кај нив.

Традиција беше во Рома капитентската лента да биде зад името на Римјаните, како Џузепе Џанини, Франческо Тоти, Даниеле Де Роси, како и Алесандро Флоренци во моментов.

Сево ова силно потсетува на зборовите кои ги упати легендарниот Тоти кој посочи дека постои „чистка“ на Римјаните во составот на Рома, а доколку најавите дека Игуаин би бил капитен, веројатно таквите тврдења би се потврдиле.

Претходно, Тоти и Де Роси немаа можност да продолжат со Рома, откако нивните договори не беа продолжени, а за тоа беа известени од самиот клуб, а сега Флоренци се шпекулира дека е на трансфер листата за продажба.