24фудбал

Новата летна сага и трансферот на Нејмар, што сака ПСЖ и што сака Барса

Нејмар и ова лето ќе доминира во трансфер шпекулациите, Бразилецот сака да го напушти ПСЖ и да се врати во Барселона, но зделката воопшто не е лесна и сагата веројатно ќе трае долго.

Шпанија

Во 2017, ПСЖ успеа да го примами Нејмар нудејќи му огромно богатство. „Светците“ за него платија рекордни 222 милиони евра, а на напаѓачот му дадоа плата од 36 милиони евра по сезона, која во тоа време исто така беше рекордна (Лео Меси неколку месеци подоцна стави потпис на нов договор според кој заработува 50 милиони евра по сезона).

Но авантурата на Бразилецот во Париз не се одвива според планот и само по две години престој, тој сега изразува желба да замине и да се врати на Камп Ноу.

Сепак, една ваква зделка воопшто не е едноставна и веројатно новата трансфер сага на Бразилецот ќе трае долго и ќе доминира во трансфер шпекулациите и во следните недели.

ПСЖ нема да му стои на патот на напаѓачот, но бара да добие понуда која ќе ги задоволи нивните барања. Шампионот на Франција сака да покрие што поголем дел од трошоците кои ги направи за да го донесе Нејмар во своите редови.

Цената не е фиксна, „светците“ се свесни дека ќе мора да направат одредени отстапки и дека нема шанси да добијат 300 милиони евра. Но тие инсистираат сумата за која сметаат дека е фер да биде платена во кеш.

Од друга страна, Барселона сака да потроши што е можно помалку пари. „Каталонците“ имаат проблем со ликвидноста и мораа да подигнат кредит за да го купат Антоан Гризман.

Л’Екип објави дека понудата, која не била формална и се работело за усмен предлог, била составена од двајца играчи чија вредност Барса смета дека ја надминува сумата од 222 милиони евра која ПСЖ ја плати за Нејмар пред две години.

АС пак вели дека понудата била 40 милиони евра, плус Филипе Кутињо, плус Осман Дембеле.

Во моментов ова не е прифатливо за ПСЖ, па двата клуба ќе продолжат да преговараат и во следниот период. За сега контактот е помеѓу посредници но како одминува времето се очекува да се вмешаат и првите луѓе.