24фудбал

ПСЖ ќе го продаде Нејмар за Мбапе да не заврши кај Пеп Гвардиола?!

„Светците“ сакаат да го задржат Килијан Мбапе по секоја цена, подготвени се да му понудат плата од 50 милиони евра по сезона, и за да не си направат проблем со УЕФА, ќе го жртвуваат Нејмар.

Франција

Нејмар сака да замине од Париз по само две години престој во престолнината на Франција. ПСЖ нема да му стои на патот, но за да се раздели со напаѓачот, бара сума со која ќе си ја покрие инвестицијата од 222 милиони евра.

И додека медиумите секојдневно пишуваат за тоа што нуди Барселона, весникот Ел Паис има сторија од поинаков агол и вели дека „светците“ се подготвени да го жртвуваат Нејмар за да го задржат Килијан Мбапе.

Французинот се споменува како голема желба на Реал Мадрид, но весникот вели дека ПСЖ направил истражување и сите информации велат дека Килијан Мбапе може да заврши кај Пеп Гвардиола. Наводно двајцата имаа одличен однос и разговараат од време на време уште од 2017 кога стратегот се обидел да го ангажира напаѓачот.

Самиот Килијан Мбапе во мај најави дека може да побара нов предизвик доколку во Париз не го добие она што го бара, ова лето не е критично но постои шанса тој во 2020 да ја промени средината.

„Светците“ не сакаат да се откажат од својата млада ѕвезда и за да го задржат и да му покажат колку го вреднуваат и колкава доверба имаат во него, подготвени се да му понудат плата од 50 милиони евра по сезона со што ќе го направат најплатениот играч во светот на фудбалот заедно со Лео Меси.

Еден ваков договор ќе го оптовари буџетот на клубот, и ПСЖ може да си направи проблем со УЕФА и Финансискиот фер плеј, па затоа Нејмар ќе биде продаден.

Во моментов проблем е тоа што Барселона, клубот кој е прв фаворит за потписот на Бразилецот, не е доволно ликвидна и нема пари да реализира еден ваков трансфер. „Каталонците“ нудат играчи во замена, и спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо е подготвен да прифати трампа со Кутињо и Ракитиќ или пак Дембеле.

Но кралското семејство од Катар се против на ова. Тие една ваква зделка ја гледаат како понижувачка бидејќи за возврат добиваат играчи кои во моментов не ги сакаат и не се на нивниот список со желби. Шеиците инсистираат Барселона да плати што е можно повеќе пари со оглед на тоа дека тие искешираа 222 милиони евра кога го купија Бразилецот во 2017.