24фудбал

За Фенербахче рекордна сума од трансферот на Елмас за Работнички повторно само трошки

Елиф Елмас денеска ќе го комплетира трансферот во Наполи, зделка од која Фенербахче добро ќе се офајди, а нашиот Работнички повторно ќе треба да се задоволи само со трошки.

Македонија

Во 2017, Елиф Елмас замина од Работнички и се пресели во Фенербахче. Иако уште тогаш беше јасно дека Македонецот е голем талент и вреди многу, клубот од Дебар Маало доби само скромни 180.000 евра на име на тренинг компензација.

Две години подоцна, популарниот „дијамант“ потпишува за Наполи во зделка со која Фенербахче убаво ќе се офајди. Последните детали велат дека клубот од Сан Паоло ќе плати 16 милиони евра, плус додатни 1,5 милиони евра во бонуси а Фенербахче ќе добие и 1,5 милиони евра од следната продажба.

Тоа значи дека Фенер ќе инкасира 19 милиони евра, што е повеќе од 100 пати од тоа што го платија за македонскиот фудбалер.

Благодарејќи на ФИФА, и Работнички ќе добие дел од овој трансфер но повторно ќе треба да се задоволи само со трошки. „Романтичачрите“ ги следуваат пари по два основи, тренинг компензација бидејќи Елиф Елмас нема наполнето 23 години и дел од солидарниот фонд.

Од трансфер сумата, 5% се одвојува за солидарен фонд, која потоа се дели на сите клубови кои дале допринос во едукацијата на фудбалерот од неговата 12-та година па се до 23-та година.

5% од овој трансфер се околу 950.000 евра, а Работнички треба да добие околу 20% од оваа сума за двете години во кои придонесе за развојот на Елиф Елмас или 190.000 евра. На оваа бројка ќе се додадат и уште стотина илјади евра за тренинг компензација, но ако се земе во предвид колку Фенербахче ќе добие, ова не е ништо.