24фудбал

Агентот на Бејл ги предупредува Зидан и Перез: Може да биде играч на Реал и во следните три години!

Зинедин Зидан сака што поскоро да се раздели со Герет Бејл, но на Велшанецот не му се брза и неговиот агент предупредува дека нема шанси играчот да замине на позајмица и можно е во целост да го одработи договорот.

Шпанија

Герет Бејл не се вклопува во плановите на Зинедин Зидан, па Реал Мадрид се обидува да го продаде Велшанецот. Сепак, проблем е тоа што малку клубови можат да си го дозволат играчот.

Напаѓачот не сака да прифати намалена плата, па клубот кој ќе го купи ќе треба да одвои најмалку 15 милиони евра годишно, плус и да плати богато обесштетување.

Втора опција е тој да биде испратен на позајмица со цел Реал да ја тргне неговата плата од сметките (со данок изнесува 30 милиони евра), но Герет Бејл не сака да слушне за нешто вакво.

„Нема да има привремен трансфер за клубот да се ослободи од него. Герет е еден од најдобрите играчи на планетата. Ви гарантирам дека нема шанси да се пресели во друг клуб на позајмица“ – вели неговиот агент, Џонатан Барнет.

Два клуба од Кина, Џиангсу Сунинг и Пекинг Гуоан се подготвени да му понудат на играчот голема плата, но тие не можат да одвојат големо обесштетување за Реал. Проблем е законот според кој тие ќе треба да платат 100% данок на луксуз за засилувањата од странство.

Кинезите сакаат да го добијат играчот за без пари, но ова не му одговара на Флорентино Перез, кој прибира средства за да го купи Пол Погба.

„Герет е играч на Реал Мадрид и во моментот останува играч на Реал Мадрид. Доколку излезе некоја зделка која ни одговара, тогаш работите можат да се променат“.

„Бејл може да замине за еден ден или за една недела. Но може и да биде играч на Реал и во следните три години, до крајот на договорот“.