24фудбал

Елиминација од Дуделанж, Шкендија се посрамоти во Европа

Шкендија одигра 1-1 на гостувањето кај Дуделанж и со вкупни 2-3 доживеа елиминација од квалификациите во Лига Европа.

Лига Европа

Судејќи според резултатите на Шкендија и останатите наши екипи во Европа, македонскиот клупски фудбал никогаш не бил послаб.

Шкендија е елиминирана од екипа од Луксембург, нешто што до неодамна звучеше неверојатно.

По поразот од 2-1 во Скопје, Шкендија на денешното гостување бркаше победа. Тетовскиот тим напаѓаше, се трудеше, создаваше шанси за гол, но опасни беа и домаќините од контра напади. Дино Захов спаси во неколку наврати, а и конструкцијата од голот беше негов сојузник.

Мечот долго време беше 0-0, во 78. минута Делгадо постигна гол за водство на Дуделанж од 1-0, тука веќе беше јасно кој ќе оди понатаму.

Во 85. минута Муслиу заработи втор жолт картон, мисијата на Шкендија веќе стана невозможна.

Течеше 92. минута кога Агим Ибраими погоди за изедначување на 1-1 и даде мала надеж дека со луд пресврт може да се дојде до продолженија, но тоа не се случи.

Во 94. минута Нафиу поради старт како последен играч доби црвен картон, Агим Ибраими тргна да се тепа со судијата, па и тој оправдано доби црвен картон.

Брзо потоа судијата отсвире крај на една мизерна сезона за македонските екипи во Европа.