24фудбал

„Беше време Ром да замине, зделката е одлична“ – Солскјер објасни зошто Лукаку бил продаден без да се донесе замена

Тренерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер го прокоментира трансферот на Ромелу Лукаку во Интер и одлуката да не се донесе замена за Белгиецот.

Англија

По долги преговори, Интер и Манчестер јунајтед оваа недела конечно си подадоа рака за зделка од 75-80 милиони евра и Ромелу Лукаку синоќа беше потврден како нов фудбалер на „нероаѕурите“.

И додека навивачите на „ѓаволите“ очекуваа клубот да ангажира нов напаѓач, Манчестер јунајтед беше тивок во последниот ден од предниот рок.

Оле Гунар Солскјер денеска се појави на прес конференција и објасни зошто Ромелу Лукаку бил продаден без да се донесе замена.

„Беше време Ром да замине, зделката е одлична. Тој е среќен, па мислам дека двете страни го добија тоа што го сакаа. Имаше ситна повреда на подготовките и не работеше со полна пареа, па се надевам дека ќе има добар старт во Интер. Секогаш сум имал добар однос со Ром, отворен и искрен. Разговаравме отворено и искрено и немав никакви проблеми со него“ – вели Норвежанецот.

„Секако дека Ром има добар голгетерски рекорд и статистика, тој е една од најдобрите „9-ки“ во светот на фудбалот кога сакате да играте со таков профил на играч, односно со таргет мен“.

За тоа како ќе се надополни отсуството на Белгиецот, Оле Гунар Солскјер очекува да истапат другите играчи од офанзивата, како и младиот Мејсон Гринвуд, кој импресионираше на подготовките.

„Убеден сум дека голови ќе постигнуваат Марсијал, Рашфорд... Даниел Џејмс ќе добие шанса, а и Џеси Лингард ќе има поголема улога. Ќе имаме поинаква офанзивна поставеност оваа сезона“.

„Очекувам и Мејсон Гринвуд да добие повеќе минути, ќе беше навистина тешко тој да се пробие во првиот тим доколку донесовме нов напаѓач. Верувам дека Мејсон ќе игра, ќе биде инволвиран, и кога ќе добие шанса ќе постигнува голови“.