24фудбал

Мурињо со еден куп критики за Челси, Лампард изненаден од замерките на „специјалниот“

Жозе Мурињо во анализата за Скај Спортс имаше многу критики за Челси по поразот на Олд Трафорд, Френк Лампард пак е изненден од замерките на „специјалниот“.

Англија

Португалецот синоќа беше на Олд Трафорд во студиото на Скај Спортс и го работеше дербито помеѓу Манчестер јунајтед и Челси. По убедливиот пораз на „сините“ од 4-0, Жозе Мурињо ги наброја сите работи кои не му се допаднаа и упати еден куп критики.

„Челси не беше компактен во одбраната, на противникот му остави премногу простор за игра, не беше доволно агресивен на топката...“ – истакна Жозе Мурињо.

„Абрахам остануваше премногу напред, Баркли исто така, Маунт, Педро... Во денешно време, кога ќе ги погледнете добрите тимови, сите добри тимови се бранат компактно. Тоа е основно правило, мората да се браните компактно, Челси не го правеше тоа, па затоа толку лесно му беше на Манчестер јунајтед“.

Португалецот имаше замерки и за изборот на Френк Лампард, зошто Канте мечот го започнал на клупа, а Вилиан не бил дел од составот.

„Алонсо беше на клупа, Канте беше на клупа, Жиру беше на клупа, и кога доаѓате на Олд Трафорд, иако овој Манчестер јунајтед не е оној големиот од кој се плашат луѓето, сепак е Манчестер јунајтед. Се работи за прв натпревар во сезоната, фановите се возбудени, ќе креираат пеколна атмосфера. Па малку искуство ќе беше од голема корист за тимот. Ако погледнете како одиграа Маунт, Абрахам или пак Кристијансен, на натпревар од ваква големина ви е потребно нешто повеќе“.

„Зошто Вилиан не беше во составот? Ако е повреден разбирам зошто не беше повикан, но доколку не е повреден и само дошол подоцна на подготовките, не можам да разберам зошто е изоставен. Тој може да одигра 20 минути или половина час, за ова не треба да сте фит“.

„Доколку Канте може да одигра 30-35 минути, тогаш тој може да биде статер. И потоа доколку издржи само еден час, сте го имале еден час“.

Френк Лапард, кој имаше деби за заборав како тренер во Премиерлигата, беше прилично изненаден од замерките.

„Не му се допадна партијата која ја пружи Маунт? Тоа го кажа? Сериозно? Леле“ – изјави легендата на Челси.

„Јас не можам да ги фатам за уши играчите и да ги изнесам од болничката соба само поради тоа што биле искусни. Играчите кои ги имаме на располагање, тие играа денеска и со нив бевме подобар тим 45-60 минути. Направивме индивидуални грешки поради кои противникот постигна четири гола од пет удари. И токму ова е суровата реалност за нас. Не сум загрижен за тоа што зборат другите, без разлика дали се работи за стручен коментатор или не. Стручните коментатори се платени да критикуваат“.

„Доколку на полувреме имавме предност од 2-1 или 3-1, како што и и требаше да биде доколку бевме малку попрецизни и доколку среќата беше малку на нашата страна, тогаш натпреварот ќе беше сосема поинаков“.