24фудбал

Почетни состави: Клоп со Окслејд-Чемберлејн од првата минута, Лампард тргнува со Пулишиќ и Жиру (ФОТО)

Клоп со промени во дефанзивната линија во споредба со последниот одигран меч на Ливерпул, кај Челси пак бележиме далеку поискусен и посигурен почетен состав од тој на гостувањето кај Манчестер јунајтед и големиот пораз во дербито.

Останато

Вечерва со почеток од 21,00 часот на арената „Водафон“ во Истанбул ќе се одигра дуелот помеѓу шампионот на Лигата на шампионите, Ливерпул, како и освојувачот на титулата во Лига на Европа, екипата на Челси.

Во пресрет на дуелот од европскиот Суперкуп, веќе можеме да ги проследиме и почетните состави на обете екипи, а таму неколку изненадувања, како на едната, така и на другата страна.

Кај Ливерпул познато е отсуството на Алисон кој се повреди на првенствен меч, него ќе го замени на голот Адриан, меѓутоа, Клоп нема да смета на Александер-Арнолд во почетните 11, тој направи мали рокади, па така на десната бековска позиција се најде Гомез, а како стопер ќе настапи Матип. Кај „Редсите“ можеби и изненадување е тоа што од првата минута ќе стартува Окслејд-Чемберлејн, и тоа во напаѓачкото трио составено уште и од Салах и Мане.

Веројатно Лампард се реши за нешто посигурен и поискусен состав, Челси претрпе тежок пораз во воведното коло од Премиерлигата, а многумина посочија дека треба да му се даде простор за адаптација на Маунт, младиот фудбалер со кого имаше одлична соработка во Дерби претходно, па токму тој е фудбалерот каде има промени во составот на Челси, на негово место се најде големото засилување Пулишиќ кој ќе стартува од првата минута вечерва, во нападот, бележиме уште една промена, наместо Абрахам, ќе почне искусниот Жиру.


Една доста интересна ситуација имаше на пред самото загревање на теренот, откако на арената беше пуштена песна од Риана под наслов „Единствена девојка во светот“, што секако алудира на фактот што на овој Суперкуп правдата ќе ја дели судијката Стефани Фрапар, а песната беше пуштена веднаш штом таа се појави пред самото загревање.