24фудбал

Ливерпул го освои европскиот Суперкуп, Адриан херој во пенал рулетот (ВИДЕО)

Ливерпул е освојувач на европскиот Суперкуп откако го совлада Челси по изведувањето на удари од белата точка, Адриан е херојот за победничкиот табор во пресметката која се одигра на „Водафон“ арената во Истанбул.

Останато

Челси тргна доста добро на мечот, а добрата игра во гол ја круниса Жиру во 36. минута откако доби употреблива топка во казнениот простор на Ливерпул од страна на Пулишиќ, по што Французинот умешно реагираше за водство на Челси кое остана до крајот на првите 45 минути игра.

Во второто полувреме по само три минути игра Ливерпул преку Мане израмни на 1-1, Фирмино асистираше по една конфузија во одбраната на „Сините“, кои во продолжението од мечот можеа да примат уште еден гол.

Кепа беше вистински херој во својот простор откако во 76. минута најпрво Салах биеше, но неговиот обид беше изблокиран, за потоа да се обиде и Ван Дајк, меѓутоа рефлексната интервенција на шпанскиот голман го сочува голот на Челси, а до крајот на регуларните 90 минути резултатот остана непроменет, по што мечот доби продолженија.

Во продолженијата големи возбудувања уште во првата фаза, најпрво Мане со еден убав погодок во 95. минута донесе пресврт и водство за Ливерпул, меѓутоа Челси израмни по само шест минути игра.

Во 101. минута Жоржињо погоди од белата точка откако претходно Абрахам беше фаулиран од страна на Адриан и беше досуден пенал за Челси.

Адриан имаше свои моменти, така беше и во 112. минута кога голманот на Ливерпул одбрани доста добар обид на Маунт, а веднаш потоа следеше убав обид на Педро чиј удар заврши веднаш крај голот на Ливерпул.

Немаше победник ниту по продолженијата, па така се премина во удари од белата точка, во кои поуспешен беше Ливерпул со 5-4, а трагичар за поразениот табор беше Абрахам кој промаши во последната, петта серија за својот тим.