24фудбал

Недостасува уште еден детал во преговорите помеѓу Манчестер јунајтед и Интер за трансферот на Санчез

Чилеанецот е пред преселба во Милано, Манчестер јунајтед и Интер влегоа во финални преговори околу тој трансфер, меѓутоа недостасува уште еден детал, најважниот во преговорите.

Италија

Ѕвездата на Манчестер јунајтед, Алексис Санчез е близу трансфер во Интер, а Чилеанецот во тимот од Милано треба да настапува како позајмен фудбалер со опција неговиот договор со Премиерлигашот целосно да биде откупен.

Се верува дека Чилеанецот дал зелено светло за неговата преселба во Милано, веќе кажал „ДА“ на проектот од Интер кој бил претставен од страна на високите челници на тој клуб, како Бепе Марота и Пјеро Аусилио, па така тој веќе е подготвен повторно да игра во друштво на Ромелу  Лукаку.

Агентот на Санчез е во Англија за да ги финализира последните подготовки за неговиот трансфер во Интер, шпекулациите велат дека веќе паднал договор помеѓу обете страни за позајмица и можност за откуп на договорот за 15 милиони евра, меѓутоа се верува дека недостасува уште еден детал во преговорите.

„Калчомеркато“ пишува дека Манчестер јунајтед и Интер сега треба уште да се договорат околу платата на фудбалерот, за тоа каква ќе биде обврската на едната и на другата страна, па токму тоа е последниот детал кој ја стави целата ситуација во преговорите на „стенд-бај“.

Санчез заработува од 12 до 15 милиони евра на годишно ниво, во зависност од бонусите кои се однесуваат на настапите, погодоците и слично, сумата воопшто не е мала, а Чилеанецот од поодамна е голем „товар“ од финансиски аспект за Премиерлигашот, а познато е дека нема никаков придонес во резултатите на тимот предводен од страна на Оле Гунар Солскјер.