24фудбал

Интер негодува, Манчестер јунајтед во проблеми поради едно можно сценарио за Санчез

Од поодамна е познато дека високите примања кои Санчез ги има во Манчестер јунајтед се проблем за секоја екипа која би сакала да го ангажира Чилеанецот во сопствените редови, таков проблем се појави и во преговорите со Интер.

Италија

Манчестер јунајтед се соочува со исплаќање на неверојатни 36 милиони фунти доколку позајмицата на Алексис Санчез во Интер на крајот од идната сезона се претвори во негов трансфер во калчолигашот.

Претставници на обата клубови во текот на вчерашниот ден имаа дополнителни преговори, меѓутоа од Интер негодуваат по едно доста добро и познато за јавноста прашање, кое извесен период ги кочи преговорите.

Се работи за високата плата на Санчез која во Манчестер јунајтед изнесува цели 500,000 фунти на неделна основа со бонуси (основната плата му изнесува близу 400,000 фунти), а „Спортсмејл“ објави дека Интер планира да му понуди плата на Чилеанецот не повисока од 150,000 фунти, доколку се случи и дефинитивен трансфер на фудбалерот во Милано идното лето.

Санчез идното лето ќе има 31 година, а во Интер веруваат дека тоа има големо влијание за да не претеруваат со платата на фудбалерот кој во еден таков случај би имал драстично помала плата во Италија.

Меѓутоа, најголемиот проблем паѓа на грбот на Манчестер јунајтед, тимот од „Олд Трафорд“ ќе мора и да ги исполни своите обврски кон Санчез за преостанатите две години од неговиот договор, а генерално сумата изнесува цели 36 милиони фунти.

Се верува дека цената која Интер би ја платил доколку го ангажира Санчез целосно во своите редови идното лето, ќе изнесува околу 15 милиони фунти, а со оглед на високите трошоци кои Манчестер јунајтед практично ги фрла во вода за Санчез, нема да зачуди доколку Премиерлигашот прифати и такво сценарио само да се ослободи од Чилеанецот.