24фудбал

Оливер Кан ќе стане извршен директор на Баерн Минхен, ќе го наследи Румениге

Легендарниот голман на Баерн Минхен, Оливер Кан ќе го замени Карл Хајнц Румениге на позицијата извршен директор во клубот од 2022 година.

Германија

Баерн Минхен потврди дека Оливер Кан е нов член на извршниот борд на клубот. Тој потпишал петгодишен договор кој ќе стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Кога договорот на Карл Хајнц Румениге ќе истече, на 31 декември 2021 година, Оливер Кан ќе ја преземе функцијата извршен директор во Баерн Минхен, тој ќе биде и претседател на управниот одбор на клубот.

„Со поглед кон иднината, ние сме уверени дека Оливер Кан е перфектно решение за позицијата извршен директор на Баерн Минхен. Оливер беше значаен играч во историјата на нашиот клуб. Тој беше капитен на Баерн Минхен и на националната репрезентација со години, тој ги освои речиси сите титули кои можеа да се освојат и секогаш го правеше тоа со голема посветеност. По играчката кариера, тој заработи МБА во генералниот менаџмент и паралелно градеше свои компании. Оливер Кан знае фудбал, знае бизнис и во својата ДНА го носи Баерн Уверени сме дека тој е вистинскиот човек да го води Баерн во иднина“,  вели претседателот на клубот Ули Хенес.

„Голема чест за мене е дека прво ќе влезам во канцеларијата на Баерн Минхен како член на бордот а потоа и како извршен директор и претседател на извршниот борд на Баерн Минхен. Би сакал да му се заблагодарам на надзорниот одбор предводен од Ули Хенес за довербата која ми ја дадоа. Длабоко сум поврзан со клубот кој го обликуваше мојот живот. Спортски и финансиски успех, солидарност со фановите, одговорност кон историјата на клубот и вредностите, тоа е она за кое се залага Баерн Минхен. Јас би сакал во иднина да ги развивам овие атрибути заедно со моите колеги од извршниот и надзорниот одбор“, изјави Оливер Кан.