24фудбал

Италија не запира, „Аѕурите“ по втор пат ја совладаа Финска и стигнаа до максимални шест победи (ВИДЕО)

„Новата Италија“ стигна до максимални шест победи во квалификациите за Европското првенство 2020. година, овој пат „жртва“ беше незгодната Финска која немаше сили ниту за барем бод против фаворитот.

Останато

Италија дојде до нова победа во квалификациите откако славеше на гостувањето кај Финска со 1-2 во рамките на шестото коло од групата „Ј“, со тоа тимот на Роберто Манчини запиша максимален учинок на бодови во оваа конкуренција со што се зацврсти на првото место, претходно над Финска славеа и на домашен терен со 2-0.

„Аѕурите“ со погодокот на Имобиле во 59. минута први дојдоа до водство на пресметката во Тампере, меѓутоа домаќините преку Пуки од пенал во 72. минута израмнија на 1-1 и навестија неизвесна завршница на мечот.

Сепак, Жоржињо со гол од пенал во 79. минута ги постави конечните 1-2 во корист на гостинскиот табор кој е неприкосновен во својата квалификациска група, каде со 18 бода е лидер, а следат Финска (12), Ерменија (9), Босна и Херцеговина (7), Грција (5), односно Лихтенштајн (1).




Од останатите средби кои се одиграа во ист термин, Грција киксираше и одигра реми со резултат 1-1 против Лихтенштајн, а Шпанија со 4-0 ги совлада Фарските Острови на домашен терен, Шведска и Норвешка ремизираа играјќи 1-1.

Во групата „Ф“, Шпанија со 18 бода е прва на табелата, следат Шведска (11), Романија (10), Норвешка (9), Малта (3), односно Фарските Острови (0).