24фудбал

Аутсајдерот Летонија е добра можност за „билдање“ на самодовербата пред Словенија

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација вечерва гостува во Рига каде ја очекува дуел со домаќинот Летонија во рамките на шестото коло од квалификациите за Европското првенство 2020, второто место во групата е достижно, но потребна е самодоверба.

Македонија

Секако дека во нашиот национален состав не ја отпишуваат Летонија, која во моментов потврди дека е аутсајдерот во нашата квалификациска група без ниту еден освоен бод по пет натпревари, токму против таа селекција Македонија ја обезбеди единствената победа досега од овој циклус совладувајќи ја со 3-1 на домашен терен.

Дуелот со летонија вечерва (20,45) ќе биде една добра можност за „билдање“ на самодовербата пред дуелот со Словенија на домашен терен идното коло во октомври, меѓутоа, за тоа да се случи потребна ни е максимално претпазлива игра во Рига.

Извесно е дека капитенот Горан Пандев ќе се врати, тој не беше целосно подготвен за гостувањето кај Израел каде Македонија ремизираше играјќи со резултат 1-1, па нема да зачуди доколку вечерва почне од првата минута, на пресметката во Беер Шева тој ги одигра последните 20 минути, а Елиф Елмас иако се здоби со повреда за време на тренинзите, јасно посочи дека има надеж дека ќе биде во комбинација.

 Селекторот Игор Ангеловски во пресрет на дуелот во Рига истакна дека нашиот состав има почит кон противникот, а воедно додаде дека очекувањата се да се игра мотивирано и енергично во желбата да се дојде до триумф.

Го респектираме тимот на Летонија, знаеме дека имаа лош натпревар против Австрија, но понекогаш тоа не мора да значи многу. Очекувам да одиграме мотивирано, енергично и да победиме, за нас ова е многу важен натпревар, со победа остануваме во игра за висок пласман во квалификациската група“ рече Ангеловски .

Во моментов нашата селекција со пет освоени бода се наоѓа на претпоследното, петто место во групата „Г“, каде прва е Полска со 12, а следат Австрија (9), Словенија (8), Израел (8), последна е токму Летонија која засега е без бодови.


Фото-вест: Фудбалска Репрезентација на Македонија (Facebook)