24фудбал

Македонија со три бода се враќа од Рига, Пандев и Барди донесоа победа над Летонија (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација оствари рутинска победа на гостувањето кај Летонија, триумфиравме со 2-0 со погодоци на Пандев и Барди постигнати рано во мечот.

Македонија

Македонија ги зема планираните три бода од Рига, нашата селекција славеше лесна победа против Летонија од 2-0 иако според шансите можеше и многу поубедливо.

Избраниците на Ангеловски од првата минута тргнаа офанзивно кон голот на домаќините. Во водство можевме да дојдеме уште во осмата минута но силниот удар на Тричковски го одбрани Ванинс.

Сепак не се чекаше долго за отварање на резултатот, по една убава еден два комбинација со Барди, Елмас асистираше до Пандев кој постигна гол за водство на Македонија од 1-0.

Само три минути подоцна една одбиена топка дојде до Барди кој со силен шут од далечина го зголеми водството за Македонија од 2-0.

Во финишот од првиот дел Пандев се најде во фантастична ситуација, излезе еден на еден со противничкиот голман но биеше млако во него.

Во вториот дел продолживме да играме офанзивно, Пандев имаше убава шанса, биеше силно под пречката Ванинс но голманот на Летонија со крајни напори го одбрани неговиот удар.

Шанси во вториот дел имаше и Летонија, но ниту една од нив посериозно не го загрози голот на Димитриевски.

На крајот Македонија заслужено победи со 2-0 и освои три бода со кои останува во трка за втората позиција на табелата.