24фудбал

Фекир: Ја сакате вистината за пропаднатиот трансфер во Ливерпул?

26 годишниот фудбалер летово направи трансфер вреден 20 милиони евра во Бетис, таму почна одлично откако погоди на два меча во трите досегашни кола од Примера, беше стрелец и на водечкиот гол против Барса на „Камп Ноу“, по што следеше убедлив пораз од 5-2 на крајот.

Англија

Набил Фекир инсистира на тоа дека многу лаги биле напишани низ медиумите околу пропаднатиот трансфер во Ливерпул ланското лето, негира дека неговата преселба на Островот пропаднала поради одредени проблеми со коленото.

Лион и Ливерпул наводно тогаш се договорија за трансфер вреден 53 милиони фунти за Французинот, а тој дури имаше и интервју за „Ливерпул ТВ“, за што сведочеја и одредени фотографии кои излегоа во јавноста од таа ситуација.

Се веруваше дека во Ливерпул во последен момент се повлекле од договорот со Лион поради тоа што пристигнале загрижувачки вести околу коленото на фудбалерот, а истите биле утврдени по медицинските тестови кои биле реализирани во Париз, меѓутоа Фекир негира такво нешто.

Многу лаги беа напишани тогаш, тоа лично ме повреди, посебно оние приказни за моето семејство, и нив ги повреди тоа. Посебно е болно кога знаете дека тоа што е напишано низ медиумите е лага“ вели Фекир во интервју за „ЛЕкип“.

Тоа што беше напишано низ медиумите околу тој потенцијален трансфер не е вистина, имав брзи медицински прегледи во тренинг базата на француската национална селекција во „Кларфонтаин“, моето колено не беше ниту споменато. Доколку се утврдел некаков проблем со коленото, дали Олас (првиот човек на Лион, Жан-Мишел Олас), би барал висока отштета за да ме сочува во тимот?“ запраша Фекир.

Меѓутоа, најлошото нешто дојде од идејата пласирана во јавноста дека моето семејство е виновно што трансферот не се реализирал, тоа е лага, меѓутоа морам да живеам со тоа, ја сакате вистината? Дури ни јас не ја знам, верувајте ми... Имав лекарски прегледи и веднаш потоа во Ливерпул одлучија да се повлечат, од некоја гледна точка тие сакаа да верувам дека станува збор за проблеми со коленото, меѓутоа едно извинување мораше да има“ заклучи Фекир кој посочи дека ниту тој не ја знае вистината околу пропаднатиот трансфер во Ливерпул.