24фудбал

Барселона се огласи по интервјуто на Меси и замерките кои ги даде Аргентинецот

Лео Меси беше многу искрен во интервјуто кое излезе денеска, некои негови реченици можат да бидат протолкувани на разни начини, па се огласи и клубот.

Шпанија

Во интервјуто Меси рече дека не е сигурен дали клубот направил се за да го врати Нејмар во Барселона.

Портпаролот Жозеп Вивес се огласи по констатациите на некои медиуми дека има разлики во ставовите меѓу клубот и Меси.

„Тоа е комплетно нормално интервју. Тој го даде со голема транспарентност и ние сме задоволни од тоа како се искажа“, вели Вивес.

„Нема разлики меѓу Меси и клубот. Тој даде неколку интересни евалуации“.

„Меси за Нејмар рече дека не е сигурен дали клубот направил се што можел за да го врати бидејќи тој не беше инволвиран во преговорите“.

„Тој исто рече дека ПСЖ играле тврдо за тешко да може да се дојде до договор“.

„Реалноста е дека клубот го даде најдоброто, како што објасни претседателот, на крајот не можевме да го купиме“.

Меси има клаузула според која може следното лето да си замине од Барселона за 0 евра. Во интервјуто тој рече дека сака да остане во клубот но сака да игра за тим кој има амбиција да победува. Вивес не стравува дека Лео може да замине.

„Тоа што тој го кажа сите го мислат. Тоа е порака на амбиција бидејќи по освојувањето на сето тоа што тој го освоил, да речете дека се уште сакате да победувате покажува голема амбиција за победа“.

„Јасно е дека сите ние сакаме да победуваме, затоа и го засилуваме составот секоја година. Веруваме дека имаме подобар состав од минатата година“.