Категорија: Англија 14.09.2019 10:40
Голема криза со повредени фудбалери владее во англиската Премиерлига, последен на листата на повредени фудбалери е напаѓачот на Арсенал, Александре Лаказет за што веќе известивме дека постојат шанси да се врати во Октомври, иако од клубот не прецизираат точен датум.
Како ретко досега, дури осумина се неизвесни во таборот на Манчестер јунајтед во пресрет на денешната пресметка на домашен терен против Лестер, меѓу кои е воедно и Пол Погба.
Долга е листата на повредени фудбалери во составот на Манчестер јунајтед, па освен Погба, на истата се наоѓаат и Марсијал, Ван-Бисака, Шо, Лингард, Баји, како и Далот.
„Собата за рехабилитација е полна, се уште е така, не знаеме кој ќе биде целосно подготвен за натпревар, Погба не беше 100% подготвен за време на последниот тренинг, се надеваме дека повеќе фудбалери ќе се рехабилитираат за следниот меч против Вест Хем, Погба и Марсијал се во таа категорија“ рече Оле Гунар Солшер, шефот на стручниот штаб на Манчестер јунајтед.
Веројатно црно му се пишува на Норич кој денеска на домашен терен го пречекува шампионот Манчестер Сити, кризата со повреди во тимот на Даниел Фарке е до толку голема што на таа листа се наоѓаат дури седум стандардни првотимци, меѓу кои и голманот Крул, за кого се вршат максимални напори за да биде подготвен да застане на голот.
Норич го пречекува супериорниот тим на Гвардиола со само два дефанзивци подготвени за натпревар во тој дел од играта, бековите Гудфри и Хенли не се во целост подготвени, а Клосе, Ѕимерман, Аронс, Трибул, Летнер, Вранчич и Ернандез се повредени и нема да имаат можност да настапат.
Во пресрет на дуелот со големиот фаворит, шефот на стручниот штаб на Норич на шега изјави дека дури и да посакува да паркира автобус пред својот гол, тоа не може да го стори со оглед на фактот што нема дефанзивци.
„Јас уште на стартот од сезоната реков дека ќе треба да се искачиме на Монт Еверест за да останеме тука, сега се соочуваме со тој предизвик, но без никаква поддршка во одредени „помошни алатки“ за тоа да го сториме. Не можам да го паркирам автобусот дури и да посакам тоа да го сторам денеска, немам дефанзивци, но, се дури можеме да го склопиме почетниот состав од 11 фудбалери, ние ќе се бориме за бодови“ рече Фарке кој знае што го чека од супериорниот состав на Пеп Гвардиола кој располага со фантастични офанзивци кои сигурно ќе сакаат да ја искористат оваа криза кај Норич.
Кај Манчестер Сити од поодамна е јасен статусот со Ејмерик Лапорт кој ќе отсуствува шест месеци, освен него, ќе отсуствува и Лерој Сане, за кого се вели дека би можел да се врати пред крајот на оваа година, Бенџамин Менди е близу до враќање на терените. Добра вест за Гвардиола е враќањето на Џон Стоунс, во вистинско време по повредата на еден од најдобрите дефанзивци во Премиерлигата, Лапорт.