24фудбал

Официјално: Де Хеа стави потпис на нов договор со Манчестер јунајтед

Тоа што се најавуваше сега е и официјално, Давид Де Хеа потпиша нов договор со Манчестер јунајтед и во наредните години ќе продолжи да го носи дресот на англискиот клуб.

Англија

Манчестер јунајтед преку својот веб сајт соопшти дека потпиша нов договор со Давид Де Хеа.

„Давид Де Хеа потпиша нов долгогодишен договор со Манчестер јунајтед кој ќе го задржи во клубот најмалку до 2023 година. Има опција и за продолжување на договорот на уште една дополнителна година“, стои во соопштението на Јунајтед.

Шпанскиот голман е среќен што ќе продолжи да го носи дресот на Манчестер јунајтед.

„Привилегија беше да се биде осум години во овој голем клуб и можноста да ја продолжам кариерата во Манчестер јунајтед за мене е голема чест. Кога дојдов тука не можев ниту да замислам дека ќе одиграм преку 350 натпревари за овој клуб. Сега мојата иднина е јасна, се што сакам е да му помогнам на овој тим да го оствариме она што мислам дека можеме и да повторно заедно да освојуваме трофеи“, вели Де Хеа.

Клубот не ги откри финансиските детали од договор на Де Хеа, но според медиумите голманот ќе стане најплатен на Олд Трафорд со годишни примања од 13,5 милиони фунти по данок, или околу 15 милиони евра.

Покрај огромната плата, Давид де Хеа добива и специјален третман, Манчестер јунајтед за Шпанецот ќе направи исклучок од едно важно правило.

Сите фудбалери во своите договори имаат клаузула според која платата им се намалува за 25% доколку не е обезбеден настап во Лигата на шампионите. Манчестер јунајтед на овој начин се осигурува дека нема да настане дупка во буџетот поради помалиот прилив на пари.

Оваа клаузула сепак нема да ја има во договорот на Давиде де Хеа па тој ќе ја добива истата плата без разлика дали клубот игра или не во најелитното европско натпреварување.