24фудбал

Атлетико бараше 80 милиони евра, а Барса доби казна од смешни 300 евра за „случајот Гризман“

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Барселона е казнета со парична глоба од 300 евра за „случајот Гризман“, се предлага и дополнителна санкција од еден меч без публика.

Шпанија

Французинот ова лето конечно се пресели на „Камп Ноу“, откако откупната клаузула се спушти на 120 милиони евра на 1. јули, Барселона го донесе Антоан Гризман во своите редови.

Сепак, Атлетико побара додатни 80 милиони евра, „колчонероси“ посочија дека преговорите помеѓу Барселона и Антоан Гризман започнале уште во март кога откупната клаузула на напаѓачот изнесуваше 200 милиони евра.

Атлетико Мадрид поднесе жалба, велеше дека има докази за нелегални постапки, медиумите пишуваа за мејл испратен до Антоан Гризман со детали за платата која ќе ја заработува, но Барселона се правдаше дека мејлот не е испратен од лице кое работи кај нив, ниту пак преку сложен канал на клубот.

Целиот случај се најде пред Фудбалската федерација на Шпанија, а денешното издание на „Ел Мундо“ објави дека судијата кој е задолжен за случајот веќе донел пресуда.

Тој ја казнил Барселона со смешни 300 евра. И самиот е свесен дека оваа парична глоба практично не значи ништо, па предложил Барселона еден натпревар да одигра без публика. Сепак, се верува дека ФФШ нема да го одобри барањето Камп Ноу да биде затворен.