24фудбал

Ултрасите на Јуве го бојкотираат гостувањето кај Атлетико Мадрид

Сево ова доаѓа по апсењето на неколкумина лидери на ултрас групи, поддржувачи на италијанскиот првак, кои наводно го уценувале клубот заканувајќи се со несакани појави на трибините кои би му носеле казни на Јувентус.

Лига на Шампиони

Ултрасите на италијанскиот првак Јувентус одлучија да го бојкотираат гостувањето на нивниот омилен тим кај Атлетико Мадрид во првото коло од Лигата на шампионите, а сево ова доаѓа по апсењето на неколку предводници на навивачите.

„Бјанконерите“ утревечер гостуваат во Мадрид, меѓутоа нема да ја имаат максималната поддршка од трибините, за што известуваат во Италија.

„Тутоспорт“ пишува дека оние ултраси кои веќе имаат купено влезници за мечот на арената „Ванда Метрополитано“ одлучиле да останат во Италија и се откажале од скапото гостување во шпанската престолнина како резултат на нивниот протест против клубот.

12 лидери на ултрас групи беа уапсени во текот на вчерашниот ден, а за истите се отворени предмети за криминал, перење на пари, насилство, како и уцена.

Во истрагата соработуваше и претседателот на Јувентус, Андреа Ањоли, кој тврдеше дека ултрасите го уценувале клубот заканувајќи се дека ќе упатуваат расистички навреди од трибините или нешто друго кое ќе му донесе на клубот казна.

Во Италија наведуваат дека одредени „предводници“ на трибините барале ефтини влезници за одредени блокови, за истите да ги препродаваат подоцна по „своја“ цена.