24фудбал

Барса се правда: За Нејмар испративме две добри понуди, Де Лихт се реши за Јувентус поради повеќе пари

Генералниот извршен директор на Барселона, Оскар Грау проговори за неуспешните обиди за ангажман на Нејмар и Матајс де Лихт и откри зошто останале со празни раце во двете ситуации.

Шпанија

На почетокот од летото, „каталонците“ силно се поврзуваа со ангажман на Матајс де Лихт, долго време се говореше дека се е договорено, но на крајот дефанзивецот се реши за преселба во Јувентус. „Старата дама“ ги исполни сите барања на Мино Рајола, помеѓу кои откупна клаузула и плата од 12 милиони евра по сезона (фиксна плата од 8 милиони плус додатни 4 милиони во бонуси).

„Доставивме понуда, но тој преферираше да потпише со Јувентус. Поради даночните олеснувања, таму ќе има многу поголема нето плата“ – вели Оскар Грау.

Потоа следуваше нова трансфер сага, Нејмар изрази желба да се врати на Камп Ноу, ПСЖ прифати да седне на маса, преговорите беа долги, медиумите шпекулираа за еден куп формули, но на крајот ништо не испадна.

Лео Меси неодамна изрази сомнеж дека лидерите на Барселона не сториле се што можат, но Грау се правда и вели дека двете понуди кои ги доставиле биле сосема добри.

„Направивме се што можеме за да го ангажираме Нејмар. Доставивме две добри понуди, едната беше составена само од пари, во другата имаше вметнато и играчи. Но имавме чувство дека ПСЖ не е вистински заинтересиран за продажба“ – објаснува генералниот извршен директор на Барселона.