24фудбал

Лестер со пресврт до победа над Тотнем (ВИДЕО)

На мечот кој се одигра на „Кинг Пауер“ беа поништени два гола, по еден на обете страни, а домаќинот го собра сиот плен од пресметката против еден од кандидатите за овосезонската титула во Премиерлигата.

Англија

Во еден доста возбудлив и докрај неизвесен меч Лестер славеше во дуелот пред своја публика над Тотнем со 2-1, а гостите имаа предност на паузата која не ја сочуваа до крајот на пресметката на „Кинг Пауер“.

Тотнем со неверојатниот гол на Кејн од исклучително тешка ситуација први дојдоа до водство во 29. минута, а со тој резултат се замина на паузата.

Во второто полувреме Переира израмни на 1-1 во 69. минута, за веќе во 86. минута Медисон со еден преубав гол да направи пресврт за домашниот табор и да донесе вредни три бода од ова мини-дерби на колото во Премиерлигата.

Со оваа победа Лестер (11) се искачи на второто место на табелата во Премиерлигата со четири бода заостанување зад лидерот Ливерпул, Тотнем (8) е на делба на петтото место заедно со Манчестер јунајтед, Челси, Арсенал и Вест Хем.

Што се однесува пак до останатите средби од редовното шесто коло, за денес во стандардниот термин од 16 часот се играат уште и средбите помеѓу Барнли – Норич, Евертон – Шефилд јунајтед, Манчестер Сити – Ватфорд, а денешната програма ќе заврши со дуелот помеѓу Њукасл – Брајтон со почеток од 18,30 часот.