24фудбал

Лидерите на Баерн си мислат дека се богови: Ако Тер Штеген стане прв голман, нема да ги пуштаме играчите во репрезентација

Претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес се закани дека тие нема да ги пуштаат нивните играчи да настапуваат за Германија доколку Марк Андре тер Штеген му го земе местото на Мануел Нојер во репрезентацијата.

Германија

По срамната елиминација на Светското првенство во Русија, „панцерите“ започнаа реконструкција и подмладување на репрезентацијата. Неколку големи имиња како Матс Хумелс, Жером Боатенг и Томас Милер беа шкртнати од селекторот Јоаким Лев.

Мануел Нојер пак го задржа местото и покрај тоа што долго време се мачеше со повреди, а за конкуренција го има Марк Андре тер Штеген, кој е извонреден на голот на Барселона.

Неодамна Марк Андре тер Штеген изјави дека е незадоволен од статусот и порача дека заслужува да биде прв голман во репрезентацијата. Ваквата изјава сепак не им се допадна на лидерите на Баерн Минхен, кои веднаш скокнаа во одбрана на својот играч.

Потоа се појавија стории дека Тер Штеген ќе биде стартер на еден од следните два натпревари, односно пријателскиот меч со Аргентина и дуелот со Естонија во квалификацитие за Европското првенство. Ова само дополнително ги вжешти работите, па од Минхен испратија закана, која не доликува на ниту еден клуб, а камо ли на најпознатиот во Германија

„Нема да прифатиме одлука со која Тер Штеген ќе му го земе местото на Нојер. Доколку тоа се случи, повеќе нема да ги пуштаме играчите во националниот тим“ – порача претседателот Ули Хенес во разговор со Билд.

Лидерите на Баерн очигледно си мислат дека се богови, но во оваа ситуација тие немаат моќ, бидеќи според правилата на ФИФА, клубовите се должни да ги ослободат играчите или во спротивно им следува казна.

Токму затоа тим менаџерот на Германија, Оливер Бироф не обрнува премногу внимание: „Не сум загрижен, клубовите се обврзани да ги ослободат играчите за репрезентативна должност според правилата на ФИФА“.