24фудбал

Случајно или не? На пет дена пред дербито со Интер, Јувентус бара да им се одземе Скудетото на „нероаѕурите“

„Старата дама“ ја продолжува правната битка за Калчополи скандалот, медиумите од „чизмата“ пренесуваат дека е доставена нова жалба, Јувентус одново бара Скудетото од сезоната 2005/06 да му се одземе на Интер.

Италија

Овој викенд на програмата е „Дербито на Италија“, во Милано ќе се сретнат лутите ривали Интер и Јувентус. „Нероаѕурите“ го имаат најдобриот старт во последните 50 години со шест победи од исто толку натпревари, па фановите полека сонуваат за нова титула и прекин на доминацијата на Јувентус.

Од „чизмата“ сега пристигнува вест дека атмосферата се вжештува, и случајно или не, „Старата дама“ на почетокот од оваа недела доставила нова жалба и одново бара Скудетото од сезоната 2005/06 да му се одземе на Интер.

Како дел од Калчополи скандалот, Јувентус остана без Скудетото, а Интер на зелена маса го доби трофејот. Клубот од Торино изминативе години достави еден куп жалби, но сите беа одбиени.

Тие сега среќата ќе си ја пробаат пред Колеџо ди Гаранција дело Спорт трибуналот при Олимпискиот комитет на Италија.