24фудбал

Партизан ја надигра Астана и со три бода си оди од Казахстан (ВИДЕО)

Партизан одигра одличен натпревар на гостувањето кај Астана, победи со 2-1 но можеше тоа да го направи и многу поубедливо.

Лига Европа

По ремито против АЗ Алкмар во првото коло, Партизан дојде до победа на гостувањето кај Астана.

Српскиот тим одигра одличен меч, а во второто полувреме пропушти неколку идеални шанси со кои можеше да ја наполни мрежата на домаќините.

Во првото полувреме немаше големи возбудувања, Садик во 29. минута го отвори резултатот за водство од 1-0.

Во вториот дел Астана се обидуваше да израмни, а тоа им овозможи контри на играчите на Партизан од кои беа многу опасни.

По неколку пропуштени шанси, во 73. минута Садик го зголеми водството на 2-0.

Само три минути подоцна Садик постигна и трет гол кој најпрво беше признаен, а потоа и поништен по консултација на главниот судија со помошникот, резултатот остана непроменет.

Садик, а потоа и Начо пропуштија две големи шанси, еден на еден со голманот на Астана, казната стигна во 85. минута кога Сигурјонсон постигна гол и намали на 2-1.

Постигнатиот гол беше речиси се што направи Астана, Партизан ја оствари целта, ги освои трите бода од гостувањето во Казахстан иако можеше да слави и поубедлива победа.