24фудбал

На Рома и поништија гол во финишот па ќе го тепаа судијата, Михајловиќ излезе од болница за да гледа возбудливо реми (ВИДЕО)

Рома испушти два бода откако одигра само 1-1 против Каљари, во финишот имаше драма и поништен гол за домаќините, Синиша Михајловиќ излезе од болница за да гледа возбудливо реми со четири гола помеѓу Болоња и Лацио.

Италија

„Волчицата“ разочара уште еднаш, пред своите фанови освои само бод од планираните три против Каљари. Гостите поведоа по сомнителен пенал досуден со ВАР за играње со рака, Жоао Педро погодои од белата точка во 26. минута.

Сепак, пет минути подоцна, Чепители си постигна автогол и донесе изедначување од 1-1. Рома во продолжението од мечот силно притискаше за триумф, беа креирани неколку шанси а во 90. минута конечно ја затресоа мрежата на Олсен за 2-1. Но по неколку минути конфузија, голот беше поништен поради прекршок на Калиниќ над еден гостински дефанзивец.

Ваквата одлука не им се допадна на домаќините, па по последниот свиреж, судијата беше опкружен од играчите на Рома, тренерот Фонсека и луѓе од персоналот. Сите имаа што да му кажат, веројатно имаше и пцовки и навреди, па беа покажани неколку црвени картони.

Синиша Михајловиќ излезе од болница и беше на кормилото на Болоња против својот поранешен клуб Лацио. Србинот гледаше возбудливо реми со четири погодока, два црвени картони и промашен пенал во финишот.

Болоња, два пати водеше со головите на Крејчи и Паласио, а Лацио два пати се враќаше благодарејќи на Имобиле.

По еден час игра, гостите останаа со играч помалку откако Лукас Леива заработи втор жолт картон, а десет минути подоцна поцрвене и Медел. Со изедначени сили на теренот, „бјанкочелестите“ имаа прилика за цел плен во 88. минута но Кореа не беше прецизен од белата точка.