24фудбал

Македонија е подготвена, само победа е опција против Словенија

Македонија утре со почеток од 20:45 часот ја пречекува Словенија во квалификациски меч за Европското првенство 2020.

Македонија

На нашата селекција и е неопходна победа на овој меч за да ги задржи шансите за пласман на шампионатот преку квалификациите.

„Не ме интересира како размислува Словенија, ме интересира само како ќе настапат моите играчи, можам да ветам дека тие се подготвени и ќе се борат за секоја педа од теренот со цел да дојдеме до таа посакувана победа“, вели Ангеловски на денешната прес конференција.

„Од ростерот што го имаат не се различни и двете селекции од првиот меч. Но едно е кога доаѓаш по три победи по ред, самодовербата е друга, но и ние играме одлично на мечевите. Составите веројатно ќе изгледаат слично со неколку изненадувања можеби во двете селекции“.

Селекторот Ангеловски за овој натпревар нема да може да смета на Барди и Велковски кои се повредени, а нема да настапи и суспендираниот Бејтулаи.

„За селекција како Македонија секое отсуство е проблем, но тоа е што е, на терен ќе излезат единаесет фудбалери подготвени за борба, за игра, за тоа што сите го посакуваме. Не се сомневам дека тие ќе го дадат и последниот атом од силите за да го направат тоа што го посакува цела јавност.“

„Сега сме фокусирани само на Словенија, не правиме никакви калкулации за тоа колку бодови ни се потребни, важно ми е само да победиме на следниот меч, а потоа ќе мислиме на Полска“.

Капитенот Горан Пандев вели дека не му е важно дали стадионот ќе биде полн, важно му е да дојдат оние кои ја сакаат Македонија.

„Расположението е на највисоко ниво, со нетрпение го чекаме овој натпревар и сите сме желни да го дадеме максимумот и да покажеме дека оваа селекција заслужува да игра на едно големо натпреварување. Ако Словенците атакуваат на највисок пласман, заошто и ние да не се надеваме, не гледам тие на кое место се подобри од нас. Имаме отсуства, но без секој се може, ќе го дадеме максимумот за да ја оствариме победата“, вели Горан Пандев.

„Се надевам дека ќе дојдат луѓето што ја сакаат репрезентацијата и ќе не бодрат, не ни требаат негативни луѓе. Не сакаме ни 30.000, ни 15.000, сакаме да дојдат тие што ја сакаат оваа Македонија“.

„На првиот меч заслуживме да ги победиме, но ако не ги искористиш шансите, противникот ќе ве казни, одигравме добар натпревар во Словенија и ако одиграме исто и утре мислам дека ќе немаме проблеми. Убеден сум дека утре сите ќе го покажат својот квалитет и ќе дојдеме до резултатот кој го посакуваме“.

Фото: Драган Ристовски