24фудбал

„Зелената“ Италија ја совлада Грција и се пласираше на ЕП, Норвешка од пенал во финишот до бод против Шпанија (ВИДЕО)

Италија избори пласман на Европското првенство откако со 2-0 ја сволада Грција, Норвешка во финишот од пенал се избори за бод против Шпанија и колку толку ги задржа шансите за континенталниот собир.

ЕВРО 2020

Уште една репрезентација дојде до билeт за ЕВРО 2020, Италија и се придружи на Белгија откако вечерва избраниците на Роберто Манчини со 2-0 ја совладаа Грција.

Италија, која за прв пат играше во зелени дресови по 1954 година, постави нов сопствен рекорд откако на три кола пред крајот се избори за пласман на Европското првенство.

Домаќините доминираа, но се мачеа да креираат посериозна шанса. Резултатот беше отворен во 63. минута кога Бухалакис играше со рака во шеснаесетникот а Жоржињо од белата точка погоди за 1-0. Трите бода беа осигурани 15 минути подоцна, Бернардески упати удар од далечина, топката закачи еден од дефанзивците на Грција и заврши во долниот агол за 2-0.

Норвешка со гол од пенал во финишот од мечот стигна до бод против Шпанија и колку толку си ги задржа шансите за континенталниот собир.

„Црвената фурија“ поведе на стартот од вториот дел кога Суал биеше од врвот на шеснаесетникот а голманот на домаќините дозволи топката да му мине низ раце.

Избраниците на Морено во продолжението не беа премногу расположени за надигрување, па казната стигна длабоко во судиското надополнување кога Кепа го собори Елабделауи, а Кинг од белата точка донесе 1-1.

Во оваа Група Ф, Шведска со 0-4 триумфираше на гостувањето кај Малта, а Романија со 0-3 победи кај Фарски Острови и фаворитите стигнаа до три важни бода.

Претходно, БиХ се врати во трката за место на ЕП откако со 4-1 ја совлада Финска, а Данска во завршницата стигна до важни три бода и триумф од 1-0 над Швајцарија. Груизја и Ирска во првиот меч денеска одиграа 0-0.