24фудбал

Македонија треба да ја сруши лошата традиција за да се радува во Варшава против Полска

Вечерва со почеток од 20:45 македонската фудбалска репрезентација игра против Полска во многу важен квалификациски меч за пласман на Европското првенство 2020.

Македонија

Македонија со висока оценка ја реши задачата против Словенија, но сега следува уште потешка, гостуваме кај главниот фаворит во нашата група, селекцијата на Полска.

Полјаците со три бода си заминаа од Скопје, но на тој натпревар покажавме дека можеме да се носиме со нив и не заслуживме да бидеме поразени.

По победата над Словенија со голема самодоверба и позитивно расположение ќе го почнеме натпреварот во Варшава, но ќе играме и против традицијата која не е на нашата страна.

Ова ќе биде петтиот дуел меѓу Македонија и Полска, ние ниту еднаш немаме победено, само еднаш сме одиграле нерешено, а Полјаците три пати се радувале на триумф.

Со исклучок на неодамнешниот пораз во Скопје, останатите три дуели беа пријателски средби, два пати загубивме со три голови разлика 4-1 и 3-0, ремито беше со резултат 1-1.

„Добро знаеме против кого играме, шансите ќе бидат големи колку што ние на терен ќе се избориме. Не е важно против кого играме туку за што играме, а ние играме за нешто големо. Можат се да ни оспорат, ама не може да ни ја скратат борбата за националниот тим, за својата земја, за себе. Знам дека утре момците ќе дадат се од себе, а дали ќе успееме ќе видиме“, вели селекторот Ангеловски.

Фудбалерите на Македонија имаат најтежок распоред од екипите во нашата група кои се борат за втората позиција. Денешниот меч против Полска ќе ни го покаже правецот, дали надежта ќе продолжи до крајот на квалификациите или таа ќе умре уште вечерва.

Ангеловски има проблеми со повреди во составот, се уште е неизвесен Адеми, а дефинитивно отпадна Тричковски. Бејтулаи кој беше суспендиран се враќа, Барди и Велковски поради повреди не се во комбинација за овие мечеви.

Македонските фудбалери знаеле да одиграат против фаворити и да ги изненадат, се надеваме дека така ќе биде и денеска.