24фудбал

Младата селекција на Македонија е подготвена за следниот предизвик, на победа и против Казахстан

Македонската фудбалска селекција до 21 година има одличен старт на квалификациите за Европското првенство 2021 година, таквиот почеток треба да се потврди и на утрешниот меч против Казхстан.

Македонија

Македонија квалификациите ги отвори со рекордна победа, беше совладана селекцијата на Фарски Острови со 7:1, потоа следуваше победа во Подгорица над Црна Гора од 2:1, утре избраниците на Благоја Милевски го имаат третиот натпревар, во Скопје доаѓа селекцијата на Казахстан.

Нашите фудбалери денеска го одржаа последниот тренинг, Казахстан не е наивен противник, но тие веруваат во себе.

„Против Црна Гора остваривме значајна победа, иако натпреварот воопшто не беше лесен. Сепак, и покрај некои наши грешки и недостатоци во играта за кои зборуваме и работиме со селекторот и стручниот штаб, успеавме да победиме и да го добиеме посакуваниот резултат. Натпреварот со Казахстан ќе биде сосема поразличен. Противникот е квалитетен, физички се силни, но сметам дека со правилен пристап можеме да дојдеме до нови три бода. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сѐ од себе и на крајот ќе се радуваме, изјави Милан Ристовски.

„Ги оставаме зад нас првите два натпревари во кои остваривме две победи. Секогаш е специфично да се добие натпревар против противник за кој јавноста смета дека ќе биде лесно. Казахстан воопшто не е наивна репрезентација, играат брзо, тактички се одлично подготвени и мораме да бидеме многу внимателни и добри во дуелите доколку сакаме победа. Наше е да го одиграме тоа што го бара селекторот, а доколку успееме во тоа, мислам дека сме на прав пат, изјави Агрон Руфати.

Натпреварот меѓу Македонија и Казахстан се игра утре (вторник) со почеток од 14:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Фото: ФФМ