24фудбал

Ериксон мислел дека Абрамович е шофер а не милијардер и откри зошто го советувал да го купи Челси наместо Тотнем

Свен Горан Ериксон откри каков бил неговиот прв впечаток кога се сретнал со Роман Абрамович и објасни зошто го советувал бизнисменот од Русија да го купи Челси а не Тотнем.

Англија

Работите на Стемфорд Бриџ драстично се променија во 2003 кога Роман Абрамович го купи Челси. Бизнисменот од Русија вложи огромна сума на пари во нови засилувања и ги вивна „сините“ кон врвот.

Свен Горан Ериксон, кој беше селектор на Англија кога Роман Абрамович застана на чело на Челси, сега открива дека тој имал големо влијание врз ваквиот расплет на настаните и раскажа интересна анегдота поврзана со бизнисменот.

„Се сретнавме во казино во Лондон. На средбата имаше три лица. Едниот беше пристојно облечен, вториот така-така, а третиот, мислев дека тој е шоферот. На крајот испадна дека тој всушност е Роман“ – вели Ериксон.

„Сакаше да купи клуб во Москва, па три дена бевме во Москва. Ги посетивме сите клубови и јас го советував да го купи Динамо, имаа најдобра инфраструктура“.

„Потоа заминав на одмор и добив повик од човек кој беше десна рака на Абрамович. Ми кажа дека Роман се предомислил и решил да купи клуб во Лондон. Го прашав, „Тотнем или Челси? Што сака да прави?“. Ми рече дека сакал да победува“.

„Му кажав, „Нека го купи Челси. Ќе треба да го промени само половина тим. Ако го купи Тотнем, ќе треба да го промени цел тим““.