24фудбал

Жиру е опција на Интер за јануарскиот преоден рок

„Нероаѕурите“ ќе се насочат кон тоа максимално да се обидат да постигнат договор околу можен ангажман на Оливие Жиру кој не е задоволен со својот статус во редовите на Челси.

Италија

По проблемите кои настанаа по повредата на Алексис Санчез, Интер, според информациите кои пристигнуваат од Италија, се вели дека подготвува понуда за напаѓачот на Челси, Оливие Жиру, а „Нероаѕурите“ ќе тргнат по Французинот уште во јануарскиот преоден рок.

Денес стигна и официјална потврда за повредата на Санчез, кој игра во дресот на Интер како позајмен фудбалер од редовите на Манчестер јунајтед, а повредата офанзивецот ја здоби за време на интернационалната пауза во текот на своите обврски кон Чиле, конкретно околу повредата, станува збор за поместување на зглобот на глезенот, по што е нанесена штета на тетивата.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат познати и повеќе детали од повредата на Чилеанецот, односно за тоа дали ќе биде потребна операција, од тоа што засега е познато, извесно е дека тој ќе отсуствува три до четири месеци.

Ова ги остава „Нероаѕурите“ да размислуваат за останати опции кои ги имаат на трансфер пазарот, а неофицијално, најпримамливиот избор за италијанскиот прволигаш е Оливие Жиру, кој е фрустриран од малата минутажа која ја добива под кормилото на Френк Лампард, откако младиот Тами Абрахам го засени со своите импресивни изданија.

33 годишниот напаѓач во новата сезона постигна еден погодок во неговите пет досегашни настапи, а повеќето настапи секако беа влегувајќи од клупата за резервни фудбалери.

Договорот на Жиру со Челси истекува идното лето, а „ИнтерЊуз“ пишува дека извесно е дека во јануари ќе си замине од Лондон, неофицијално, тој сака договор со важност до 2022. година, а платата на годишно ниво би му била околу 8 милиони евра.